Задолжницата, како инструмент за поефикасна наплата на долговите меѓу фирмите, ќе почне да се издава од 1 септември годинава. По шестмесечни консултации со стопанствениците, стопанските комори, научните работници, нотарите, Централниот регистар и други субјекти, Владата на последната седница усвои закон за задолжница, која ќе биде нов, поефикасен инструмент, со функција како поранешниот акцептен налог, со кој доверителите ќе се осигуруваат дека ќе си го наплатат побарувањето од должникот. Издавањето на задолжницата ќе биде на доброволна база за целиот, или за дел од долгот. Фирмите, со намера да влезат во должнички доверителски односи, доколку сакаат да издадат задолжница, ќе треба да се обратат кај нотар, кој пак, ќе се најави во Централниот регистар каде што ќе има единствен регистар на задолжници, за да провери дали се исполнети условите за издавање.
Задолжницата, како инструмент за поефикасна наплата на долговите меѓу фирмите, ќе почне да се издава од 1 септември годинава.
По шестмесечни консултации со стопанствениците, стопанските комори, научните работници, нотарите, Централниот регистар и други субјекти, Владата на последната седница усвои закон за задолжница, која ќе биде нов, поефикасен инструмент, со функција како поранешниот акцептен налог, со кој доверителите ќе се осигуруваат дека ќе си го наплатат побарувањето од должникот.
Издавањето на задолжницата ќе биде на доброволна база за целиот, или за дел од долгот. Фирмите, со намера да влезат во должнички доверителски односи, доколку сакаат да издадат задолжница, ќе треба да се обратат кај нотар, кој пак, ќе се најави во Централниот регистар каде што ќе има единствен регистар на задолжници, за да провери дали се исполнети условите за издавање. Ќе се проверува дали задолжницата го надминува законскиот лимит до 30 отсто од приходот на должникот во претходната година, дали сметката на должникот е блокирана, дали е под стечај, или во ликвидација, дали му се изречени санкции за вршење на дејност и слично.
Нотарот исто така, може да провери дали должникот претходно издал и друга задолжница и на која сума, дури и тоа да се случило пред пет минути. Доколку не постојат законски пречки за издавање на задолжница, нотарот електронски ќе ја пополни, ќе ја отпечати со единствен број, ќе ја солемнизира и ќе му ја предаде на доверителот. Во случај, тој не ќе може да си го наплати долгот во договорениот рок, но со задолжницата ќе може да побара од банка наплата од депонентната сметка на должникот. Ако на неа нема доволно пари, банката може да му ја блокира сметката, како и сметките во другите банки се до наплатата на целосниот долг. Ако и така не може да се изврши наплатата, доверителот преку извршител може да си ги земе средствата преку непаричниот имот на должникот. Ова е можно затоа што задолжницата има значење на правосилно извршно решение, што значи дека со неа се избегнува наплата на долговите преку долги судски процедури.
- Должничко-доверителските односи се една од основните причини кои предизвикаа финансиска недисциплина во стопанството, влијаеја врз фирмите и на некој начин не им даваа доволна правна сигурност на доверителите. Во насока на поголема правна сигурност за доверителите го дизајниравме овој инструмент со кој веруваме дека ќе се зголеми нивната сигурност и ќе се обезбеди повисока наплата на побарувањата - вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Тој објаснува дека задолжницата ќе се однесува само на долговите меѓу фирмите, а не и на тоа што им го должи државата. Според него, државата редовно се раздолжува со фирмите. Нема официјален податок за тоа колку фирмите си должат меѓу себе, но неофицијално се оперира со сума над две милијарди евра. Ставрески смета дека задолжницата не само што ќе овозможи долговите да се расчистуваат на ефикасен начин, туку ќе помогне да се зголеми финансиската дисциплина на фирмите, а одбивањето на издавање задолжница за доверителот може да биде сигнал дека должникот нема намера да плати.
- Верувам дека должниците со чесни намери нема да имаат ништо против издавање на задолжница, зашто таа ќе им го зголеми кредибилитетот. Исто така, ќе се направи разлика меѓу чесните и нечесните должници - вели Ставрески.